Text Size

Државите од Западен Балкан го одбележија Денот на отворени податоци

Printer-friendly versionPrinter-friendly versionSend by emailSend by email

Албанија, Косово, Македонија и Хрватска се вклучија во одбележувањето на Денот на отворените податоци, 21 февруари 2015 година, со организација на серија промотивни настани, средби и „хакатони“.

Средба на Денот на отворени податоци во Скопје (Фото Дејан Георгиевски)Средба на Денот на отворени податоци во Скопје (Фото Дејан Георгиевски)

Во Македонија, Фондацијата Метаморфозис од Скопје организираше средба по повод Денот на отворени податоци во ГЕМ Клубот во Старата скопска чаршија. На средбата присуствуваа десетина активисти, новинари, програмери, правници, студенти што се заинтересирани или работат на полето на отворените податоци.

Учесниците разговараа за достапните отворени податоци во Македонија и можните начини на користење на отворените податоци. Дона Џамбаска од Метаморфозис, стипендист на Школата за податоци (School of Data), го претстави и повокот за пријавување за Програмата за стипендирање на Школата за податоци и ги пренесе своите искуства од програмата што ја води Фондацијата „Опен нолиџ“ (Open Knowledge Foundation).

Во Хрватска беше организиран локалниот „Код акрос“ (CodeAcross) - CodeAcross Хрватска, на 20 и 21 февруари.

На 20 февруари, во просториите на Универзитетскиот компјутерски центар СРЦЕ, беше одржана панел-дискусија на тема „CodeAcross и Денот на отворени податоци Хрватска 2015: Принципи на владеење за 21-от век“.

На панелот говореа Анамарија Муса, комесар за информации на РХ, Игор Видачак од Канцеларијата за здруженија на Владата на РХ, Елинор Стјуарт (Eleanor Stewart) од Транспаренси ФЦО (Transparency FCO) од Велика Британија, Маринко Бркиќ-Тот од the5w.org, и Томислав Врачиќ од Секторот за инфраструктура на Владата на Република Хрватска.

Во дискусијата модерирана од Миа Биберовиќ, извршна уредничка во Нетокрација, тие говореа за отвореноста на власта и јавните податоци како алатки за поголема транспарентност на патот кон доброто владеење.

На „хакатонот“ одржан во центарот СРЦЕ во сабота, 21 февруари, учесниците – информатичари, хакери, девелопери и активисти – работеа на решавање на проблеми и на изработка на апликации поврзани со користењето и употребата на отворени податоци.

Институтот за наука на Албанија органиѕираше, на 21 февруари, работилница за „Опен корпорејтс“ ‪(#‎OpenCorporates‬) во Албанија. На работилницата, новинари и економисти расправаа за користа и предизвиците што со себе ги носи базата на податоци „Опен корпорејтс“. Се разговарало и за дата-новинарството, транспарентноста што произлегува од технологијата и веродостојноста и конзистентноста на податоците во базата со податоци за корпоративните субјекти. Презентирани се и различни можности за филтрирање и пребарување на податоците. За повеќе информации, посетете ја страната: http://open.data.al/en/corporates/list

На косово, „Опен дата Косово“ (Open Data Kosovo - ОДК) организираше дводневен „Дататон“ во партнерство со УНДП Косово и Лабораторијата за иновации на УНИЦЕФ во Косово. За време на Дататонот, ОДК ги поттикна девелоперите и програмерите да работат со достапните отворени податоци на изработка на апликации на теми како што се „Податоци за имотната состојба на пратениците во Парламентот на Косово“, „Податоци за јавните набавки на општинските власти на Косово во последните 4 години“, „Квалитетот на површинските води на Косово“, и други податоци отворени за време на мандатот на ОДК.

На настаните организирани по повод годинешниов Ден на отворени податоци, одржани ширум светот, граѓани, активисти и програмери пишуваа нови апликации, „ослободуваа“ податоци, креираа визуелизации и објавија анализи засновани на отворени јавни податоци, со цел да ги поттикнат локалните, регионалните и националните власти во светот да усвојат политики за отворени податоци.

Share this