Филтрирано од државата, инспирирано од Гита Сен
Филтрирано од државата, инспирирано од Гита Сен
20. April 2012 - 17:24 — Dejan GeorgievskiВо текот на Форумот на Асоцијацијата за женските права во развојот (AWID) во Истанбул, Валентина Пелизер, извршната директорка на Фондацијата „Еден свет“ – платформа за Југоисточна Европа, пишува дневен блог за genderit.org. Следи втората од серијата статии.
Професорката Гита СенКонгресниот центар е голем, огромен. Тука се собрани 2500 жени од целиот свет на 12 меѓународен форум на AWID. Ова е мојот прв Форум. Вообичаено ги избегнувам ваквите големи конвенции но овојпат не можев да кажам не. Ерика од АПК (Асоцијација за прогресивни комуникации) ме повика и ми предложи да се пријавам за сесијата на која се разговара за Интернет и предизвикот на заштитата на приватноста. Го прифатив предлогот и еве ме овде. А интернет и неговото значење како феминистичко прашање е нешто за што се залагам.
Гита Сен денес рече „се наоѓаме во суров, зол и нерамноправен нов економски свет каде не чекаат многу бојни полиња“, а подоцна, на сесијата „Претварање на знаењето во пазарна стока: како зголемениот пристап и достапноста на интернет го трансформираше начинот на размена на знаења“, еден од учесниците спомна дека „некој не гледа“. И точно е, зад величествената убавина на Истанбул се крие државата што го филтрира пристапот до мрежата, држава што не дозволува прикажување на интерстрани што користат „одредени“ зборови и слики.
И да, знам дека жените се соочени со многу прашања, многу други битки, но интернетот не е помалку значаен. Вистина е дека сè уште мнозинството од луѓето на светот се исклучени од информатичкото општество, но се работи за истите жени што страдаат во сиромаштија и, како што рече Гита Сен „проблемот не е во тоа што жените се исклучени од глобалната економија, туку дека се вклучени на дното“.
Нашите комуникации, нашето знаење, нашите стратегии и сништа патуваат во дигитализирана форма преку мрежата, во електронска пошта и преку мобилен телефон. Не смееме да поминеме преку тоа туку така! Технологијата е вградена во нашите животи, безбедносните камери го снимаат секој агол и сите граѓани во Лондон, социјалните медиуми ги поседуваат нашите податоци и великодушно ни дозволуваат да ги користиме нивните платформи за да ги храниме со нашите лични преференци, односи, движења за потоа без размислување да им ги предадат на владите на нивно барање.
Кога зборуваме за интернет, го чувстувам истото што и Гита Сен кога зборува за иранската револуција – „зарем ти, како феминистка, не гледаш што доаѓа?“ Никогаш нема да ги заборавам тие зборови... (Извор: genderit.org)







