Text Size

Промовирани четири апликации со отворени податоци

Printer-friendly versionPrinter-friendly versionSend by emailSend by email

Фондацијата Метаморфозис вчера, во ЕУ Инфо-центарот во Скопје, на македонските граѓански организации, новинари и јавност им претстави четири нови веб-апликации со отворени податоци. Четирите апликации се избрани како најиновативни и најкорисни на Конкурсот за поддршка на проекти поврзани со отворените податоци, спроведен во 2015 година.

Фондацијата Метаморфозис претстави четири нови веб-апликации со отворени податоци (Фото: Дејан Георгиевски)Фондацијата Метаморфозис претстави четири нови веб-апликации со отворени податоци (Фото: Дејан Георгиевски)

Апликацијата openprocurement.mk, изработена од организацијата „ИКТ за промени“ од Тетово, овозможува лесно и едноставно прегледување и анализа на електронските јавни набавки.

Институтот за рурален развој на заедниците (ИРРЗА) ја промовираше апликацијата што ги анализира економските придобивки за Македонија од ИПАРД програмата, достапна на интернет адресата irrza.mk.

Апликацијата ratemy.bar на Институтот ЗИП од Скопје има за цел да ги детектира позитивните и негативните практики во угостителските објекти во Македонија кои служат храна и пијалоци. Граѓаните имаат можност и да пријават несоодветни и нелегални практики што ги забележале при посета на угостителските објекти.

Коалицијата „Сите за правично судење“ изработи апликација за лесен пристап до податоците од судските процеси во македонските судови, собрани преку долгогодишното следење на судските случаи што го спроведува Коалицијата. Апликацијата е достапна на адресата otvorenosudstvo.org.mk.

Претставниците на организациите што ги претставија своите апликации повторно нагласија неколку проблеми во прибавувањето на податоци. Пред сѐ, го спомнаа времето што се губи на обезбедување на податоци што ги чуваат институциите на државата и јавните институции, затоа што се принудени да ги бараат податоците преку барања за пристап до информации, или во директен контакт со институциите. Освен тоа, податоците често не се организирани, или не се доставени во машински читлив формат, што ја усложнува подготовката на апликациите што се наменети, првенствено, да им го олеснат решавањето на секојдневни проблеми или носењето на одлуки на граѓаните.

Амбасадорот Гарет внимателно го следи претставувањето на новите апликации со отворени податоци (Фото: Дејан Георгиевски)Амбасадорот Гарет внимателно го следи претставувањето на новите апликации со отворени податоци (Фото: Дејан Георгиевски)

Амбасадорот на Британија, Чарлс Едмунд Герет рече дека отворените податоци се нова област која има директно влијание врз граѓаните, но дека треба дополнително да се истражува.

"Отворените податоци имаат директно влијание на одлуките на луѓето кои секојдневно ги прават и тоа на значителен начин. Овие апликации кои денеска беа промовирани преку овој проект ќе го променат животот на луѓето. Многу сум задоволен сум од резултатите што ги постигнаа тимовите", рече Герет.

Бардил Јашари, директор на фондацијата „Метаморфозис“ рече дека преку отворените податоци ќе се зајакне довербата помеѓу граѓаните и институциите, а тоа ќе придонесе да се зајакне демократијата.

"Овој проект придонесува директно во остарувањето на мисијата на Метаморфозис а тоа е поддршка и придонес во подобрување на квалитетот на живеење на граѓаните, а овие четири апликации го прават токму тоа. Овој проект е многу важен во услови кога довербата кон државните институции е на многу ниско ниво. Проектот придонесува преку отварање на тие институции довербата на граѓаните да се зајакне", вели Јашари.

Фондацијата Метаморфозис, како резултат на заедницата за отворени податоци која ја гради во рамките на овој проект, ја најави изработката на веб-апликација за споредба на активностите на политичарите и политичките партии на социјалните мрежи, поточно на Фејсбук, која треба да биде готова до крајот на овој месец. Целта на апликацијата е да го претстави однесувањето на политичарите на социјалните мрежи во предизборниот период.

Share this