Text Size

Наградите на ЗНМ за Ерол Ризаов, Менде Младеновски и тимот на Медиапедиа

Printer-friendly versionPrinter-friendly versionSend by emailSend by email

Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) ги претстави, на свеченост што се одржа на 19 февруари, 2015 година во Клубот на новинарите, добитниците на наградата за животно дело „Крсте Мисирков“ и наградата „Јашар Еребара“ за едногодишно остварување за истражувачко новинарство.

Ерол Ризаов ја доби наградата на ЗНМ за животно дело (Фото Дејан Георгиевски)Ерол Ризаов ја доби наградата на ЗНМ за животно дело (Фото Дејан Георгиевски)

Наградата за животно дело „Крсте Мисирков“ ја доби Ерол Ризаов, едно од најголемите имиња на македонското новинарство. Својата 38-годишна кариера, Ризаов ја помина како новинар, уредник и коментатор најпрво во „Нова Македонија“ а последниве 16 години и во „Утрински весник“, каде е еден од основачите, директор и главен и одговорен уредник. 

Повеќе години, Ерол Ризаов е секојдневно присутен во јавноста со своите колумни и анализи во „Утрински весник“ - „Си велам...“ и „Мое ќоше“ кои се меѓу најчитаните во весниците и во интернет-сферата и задолжителна дневна лектира за огромен број читатели.

Добитници на наградата „Јашар Еребара“ за едногодишно остварување за истражувачко новинарство во медиумите се Сашка Цветковска, Владо Апостолов, Мери Јордановска, за проектот „Медиапедиа“, и дописникот на „Нова Македонија“ од Битола Менде Младеновски.

Томе Груевски ја додели наградата на Сашка Цветковска и Владо Апостолов од Медиапедиа (Фото Дејан Георгиевски)Томе Груевски ја додели наградата на Сашка Цветковска и Владо Апостолов од Медиапедиа (Фото Дејан Георгиевски)

Проектот „Медиапедиа“ ја истражува сопственичката структура на македонските медиуми. Преку својата работа на проектот, Цветковска, Јордановска и Апостолов придонесоа да се разјасни сопственичката структура во македонските медиуми, пред се во интернет медиумите, за да се одговори на прашањето во чиј интерес работат медиумите во Македонија – интересите на центрите на моќ или интересите на граѓаните.

Томе Груевски и Менде Младеновски (Фото Дејан Георгиевски)Томе Груевски и Менде Младеновски (Фото Дејан Георгиевски)

Менде Младеновски ја доби наградата за серијата стории за состојбите во битолското здравство откако еден граѓанин почина во битолската Клиничка болница поради погрешна терапија.

Наградата за животно дело на Ризаов му ја предаде Томислав Кежаровски, а наградите за истражувачко новинарство ги предаде професорот Томе Груевски.

На свеченоста минатиот четврток беше одбележана и 69-та годишнина од постоењето на Здружението на новинарите на Македонија.

Share this